Каде да правите свадба на отворено во Скопје?

Подготовките за свадбата почнуваат најпрвин со избор на ресторан. Па така, за оние на кои не им се брза работата, можат да бираат каде сакаат да прават свадба, додека останатите кои пред себе имаат малку време, мора да се задоволат со она што има да се понуди.

Обично сезоната на свадби кај нас почнува веднаш по Велигден и трае отприлика докај Октомври, па токму затоа рестораните за свадба на отворено се прилично атрактивни за идните невести и младоженци. Во Скопје има неколку такви ресторани во кои ако сакате да правите свадба треба да си резервирате термин најмалку година дена однапред, но и да исполнувате минимум број на гости.

naslovna-restorani-skopje

Затоа пред да се впуштите во потрагата, потребно е првин да си ги преброите гостите за да не лутате. Ако правите голема свадба над 350-400 гости, веројатно нема да биде тешко да ви дозволат да правите свадба во повеќето ресторани. Менијата горе-долу се исти за сите па се движат околу 20 евра па нагоре (со вклучен пијалак). Барајќи ресторан за мојата свадба, знаев дека сакам да биде на отворено, да изгледа убаво, да има добра услуга... Па да почнеме со ред:

1. Ресторан „Градина“ е еден од рестораните каде можете да договорите свадба со помалку гости, па и во сабота би можеле да правите со 220-250 гости а за недела и петок и помалку. Заграден е од три страни, одозгора има шатор на кој се проектираат светлечките ефекти, за кои нема потреба дополнително да доплаќате. Од 2017-та ресторанот има нов бел под и нови „тифани“ столици, што го направи ресторанот многу поубав. Она што е најдобро кај овој ресторан е и храната, која секогаш е свежа и многу вкусна. 

2. Ресторан „Везилка“, изгледа фантастично, голем подиум, голема сала, со прекрасен шатор на кој може да се отслика бајка со светлосни ефекти. Ако сакате да правите свадба во петок или недела за во Везилка треба да имате минумум 250 гости, а за во сабота 280. Изгледа навистина светски и е супер опција за оние кои планираат свадба со повеќе гости, иако имаат и помал дел за оние кои планираат помала прослава.

3. Ресторан „Парк“ - еден од пновите ресторани за свадба, со прекрасни декорации и убав ентериер. Свадбата може да ви изгледа навистина како од бајка, со затемнети светла, магла и светлосни ефекти! Доколку успеете да најдете слободен термин (што е навистина тешко) треба да имате 250 гости за петок и недела и 300 гости за свадба во сабота. Декорациите се извонредни, а „тифани“ столчињата и големите топки цвеќе на секоја маса, заедно со прилагодената светлина прават да се чувствувте како да сте на вистинска гламурозна свадба! И овде храната е за секоја пофалба!

4. Вила „Веранда“ - нешто сосема поинакво од до сега понудените ресторани и идеален избор за сите кои сакаат малку поинаква свадба. Всушност ресторантскиот дел е тераса која во делот со масите за гостите е покриена, а подиумот и невестинската маса се „под ведро небо“, со неверојатен поглед кон Скопје.  Овој ресторан освен уникатен поглед има и уникатна услуга која драстично се разликува кај останатите ресторани. Менијата се внимателно искомбинирани и со сигурност ќе ги воодушеват вашите гости затоа што свадбата во „Веранда“ би била нешто поинакво од она што би очекувале. Единствениот ризик за свадба овде се можните временски (не)прилики, но менаџерите имаат да понудат и неколку опции за тоа. И бројот на гости нема да биде проблем доколку се одлучите за свадба тука.

А во следните ресотрани не барав детали со оглед на тоа што не ми одговараше или локацијата или цената, но ако вам тоа не ви е пречка не се сомневам дека ќе ви понудат супер услуга:

5. Ресторан „Маркиз де Лукс“, се наоѓа малку подалеку од градот, но ако ја занемариме далечината, локацијата во тревник е нешто што со сигурност ќе им се допадне на неконвенционалните невести.

6. Вила„Ина“ Уште една вила која нуди свадбена прослава во тревно опкружување но и покрај базен. За разлика од претходните, оваа вила нуди мени со доста повисоки цени, па не секој би можел да си ја дозволи. Ама оние кои можат, ќе имаат свадба како на филмовите!

7. Ресторан „Аква Стар“,  уште еден ресторан кој се наоѓа малку подалеку од централното градско подрачје, но тоа може да се занемари ако се земе фактот дека нуди можност за свадбена прослава покрај базен, што во вечерните часови изгледа спектакуларно.

8. Ресторан „Аликас“

Се наоѓа во Визбегово, што е надвор од централното градско подрачје, но се стигнува за релативно брзо време. Еден од поновите ресторани за свадба со капацитет до 400 гости. Менијата се воглавно како и кај другите ресторани, а бидејќи не сум имала прилика да присуствувам на свадба токму таму, слободно во коментар пишете ми ги вашите искуства од овој ресторан.

9. Ресторан „Белви“

Исто така надвор од градот, но во пријатна атмосфера со езерце и лебеди, „Белви“ е класика за прослави на отворено.

Во последно време се отворија и други нови ресторани, па додајте некој од нив што сметате дека треба да го има во листава.

И пред да се фатите со барање на слободен термин, прво избројте си ги гостите, и не очекувајте дека ќе најдете убава дата за следната година-дена. 

Мојата забелешка е дека рестораните на отворено имаат повисоки цени на менијата за разлика од рестораните на затворено, но се’ си има свое зошто е така. Уживајте во подготовките на Вашата свадба и одберете место што најмногу ќе одговара на вашите желби и потреби. И да, колку порано почнете да барате термин, толку полесно да најдете убава дата во убав ден. Среќно!

Автор: М.Р.