(ИНТЕРВЈУ) Антонија Ристовска: Секоја невеста може да изгледа луксузно без да потроши цело богатство

Дизајнерката Антонија Ристовска со тим професионалци од неодамна на идните невести им нуди пакет стајлинг решение кое опфаќа венчаница од нејзините колекции која можете да ја изнајмите и  шминка, фризура и бидермаер од нејзините соработници - професионалци во својата област. Целта на оваа нова дејност на Ателјето на Антонија е да им овозможи на сите невести да се чувствуваат гламурозно на денот на свадбата, без да треба да потрошат огромен буџет за тоа. Со цел да дознаеме нешто повеќе за услугите кои ги опфаќа пакетот, разговаравме директно со Антонија:

Bride.mk: Како дојдовте на идејата да понудите едно комплетно стајлинг решение за идните невести?

Антонија Р: До оваа идеја дојдов преку две појдовни идеи кои ги сплотив во едно крајно решение. Едната е побарувачката на идните невести за можност да изнајмат венчаница, нешто што би им одговарало од практична и финансиска страна, да не мораат да се грижат за тоа каде би ја чувале венчаницата после свадбата, како и можноста да изгледаат луксузно за многу помал буџет. Другата идеја доаѓа од претходни невести кои се консултирале со мене за тоа со каква шминка, фризура, накит и бидермаер да го надополнат целосниот изглед заедно со венчаницата која сме ја изработиле за нив. Сега тоа им го нудиме заедно со целиот тим на професионалци кои се на врвот во своето поле на работење за да направиме невестата да се чувствува најубаво на нејзиниот посебен ден. Ателје Антонија нуди избор на венчаници, шминката е од Зоран Шурбевски, фризурата е од Бубе Студио ин, и бидермаер од Ателје Плус. За секоја невеста ќе има и поклон-изненадување од Авон, брендот за кој сум актуелен дизајнер и советник за убавина во нивните брошури.

Bride.mk:Колку и какви модели на венчаници се достапни за изнајмување во моментов?

Антонија Р: Моментално нашата понуда се состои од 30тина венчални фустани во неколку величини и во долга и кратка варијанта. Имаме модели од последната колекција надополнети со уште неколку венчаници инспирирани од истата тема – Арт ен Деко, како и венчаници од предходни колекции. Формите на венчалните фустани се најразлични, од венчаници кои ја следат силуетата, до онаа принцес форма во долниот дел од фустанот. Изработени се од тенки и нежни матријали, француска чипка и тул, рачно изработена чипка, стилизирани цветови, а сето тоа е надополнето со префинети велови доработувани со чипка и различни додатоци за во коса.

Bride.mk: Колку време пред свадбата треба да се организира термин и да се избере венчаница?

Антонија Р: За комплетниот пакет се одговорни повеќе луѓе кои го сочинуваат тимот. За да се искоординира целиот тим, најдобро е идната невеста да закаже термин најдоцна една недела пред свадбата.

Bride.mk: Можете ли да ни издвоите во моментов што е апсолутен хит меѓу венчаниците?

Антонија Р: Секоја невеста сака да изгледа единствено и елегантно на својот посебен ден, затоа и доаѓаат кај нас. Секако француската чипка е нешто што ја прави венчаницата понежна и елегантна, па е барана од многу невести, но имаме и клиентки кои се одлучуваат на нешто поразлично и понеконвенционално, каде сме изработувале венчални фустани со детали во боја, од различни материјали, кратки венчаници, како и најразлични рачно работени везови.

Bride.mk: На што треба најмногу да внимаваат невестите при изборот на венчаница?

Антонија Р: Невестата треба да носи венчаница во која ќе се чувствува удобно и пријатно. Кројот треба да и ласка на нејзината фигура и да ја нагласува нејзината природна убавина. Моделот кој ќе го носи секако треба да биде во согласност со стилот кој таа го има бидејќи со тоа венчаницата ќе го отслика вистински нејзиното јас. Ние секако сме тука да ги советуваме за тоа каква венчаница е складна во однос на местото и големината на свадбата.

Bride.mk: Која од познатите личности ви оставила посебен впечаток како невеста и зошто?

Антонија Р: Последна венчаница која ми има оставено впечаток е таа на моделот Марица Пелегринели, која носеше фустан од Валентино, навезен во долниот дел со музички ноти кога го кажа судбоносното да на италјанскиот пејач Ерос Рамазоти. Имаше некоја романтика во тоа да носи фустан поврзан со музика на својата свадба со познатиот пејач.

Bride.mk: Што и кога можеме да очекуваме следно од Вас?

Антонија Р: Во моментот сме посветени на идните невести, а во меѓувреме почнуваме со подготовки на следната колекција за 2015 година.

bride300x200

Колку пари сметате дека се доволно да подарите кога двајца одите на свадба?