Мила Кадриу: Нежната чипка ќе преовладува кај венчаниците во 2014-та

 

Креаторката Мила Кадриу има важна улога во животот на секоја жена -  таа ги реализира соништата на секоја невеста, креирајќи венчаници од соништата. Сопственичката на „MCouture“ за Bride.Mk открива многу интересни нешта кои ќе им бидат од корист на сите идни невести.

mila-kadriu-005

Како започна сè и како дојдовте на идеја да креирате (венчаници)?

Идејата за креирање постои уште од детството, но храброста за да го работам ова што сега го правам, и тоа во Македонија, ја добив додека живеев во САД. Во 2007 година го основав бизнисот во Скопје, идејата беше продажба на готови венчаници од познати брендови и други пропратни детали потребни за најважниот ден на секоја девојка. Уште од почетокот се појавија барања од страна на невестите од типот на креирање на нивната венчаница, остварување на нивниот сон кој постои уште од одамна. Тој беше моментот на одлука - да се дизајнира венчаница по мерка!

Која жена особено ви се допаднала како невеста?

Секојдневното работење со невести ми дава можност да запознавам многу личности и секоја од нив ми остава впечаток на свој начин, сите тие стануваат дел од мене и дел од мојата приказна.
Невестите со самодоверба кои знаат што сакаат и кои имаат доверба во мене, оставаат посебен впечаток. Се создава спој меѓу венчаницата и личноста која ја носи.

Како би ги опишале вашите венчаници?

Венчаниците кои ги креираме во „MCoture“ пред сè имаат своја приказна, без разлика од инспирацијата тие се современи, носливи, најголемиот дел од нив рачно изработени и софистицирани.
Во нашето ателје има доста голем избор на материјали, посебно на тантела кои се увезени од најреномираните бутици во Истанбул, а произведени во повеќе држави низ светот.
Исто така користиме и различни форми на свила, сатени и тулови, аксесоари од секаков тип кои понатака рачно ги веземе.
Уникатноста на нашите венчаници е во тоа што секој модел е различен и е создаден според карактерот на личноста која ќе ја носи секако со многу труд и многу љубов!

mila-kadriu-06

Кој моден тренд можеме да очекуваме дека ќе биде најзастапен во венчаниците во 2014 година?

Модниот тренд за 2014 се движи кон усовршување на формите, софистицирани кројки, чистење на линијата. Се очекува чипката да преовладува во најголемиот процент и тоа во најнежна варијанта.

Кој стил или модел на венчаници се најбарани во моментов кај нашите невести?

Се радувам на фактот што нашите невести се многу информирани во однос на најновите модни трендови за венчаници но и пошироко. Сепак би ги издвоила венчаниците кои се комбинација на тул и чипка, долгите ракави и грчкото деколте се најбарани, а помалку барани се корсетите.

Што влијае на вашите креации и каде ја наоѓате инспирацијата?

Инспирацијата доаѓа моментално, дури и во дел од секунда од нешто што ќе ме допре во тој миг а не можам да го тргнам од глава, така ја создавам сликата од мојата следна колекција. Сето тоа се става на хартија и се работи подолго време и трпи доста промени за време на реализацијата.

mila-kadriu-07

Што треба да знае една жена пред да тргне на шопинг во венчаници и со кого советувате да дојдат невестите при бирање на венчаницата?

Трагањето по вистинскиот модел на венчаница треба да трае и да се доживува на посебен начин. Тие невести кои знаат што сакаат од самиот старт и кои имаат доверба во одреден бренд или дизајнер претежно доаѓаат сами, но за време на пробите често доаѓаат со некој близок за да се утврди тоа што веќе е одбрано.
Има и друг дел на невести кои немаат и некоја идеја како сакаат да изгледаат на денот на венчавката и секако доаѓаат со блиските кои најдобро ги познаваат, следуваат проби на неколку венчаници за да се одреди кројот за потоа да следат деталите.
Според мене треба да се доживее моментот на одбирање на венчален фустан, во тие моменти невестите имаат потреба од поддршка, но секако треба да има предвид и стручното мислење.

На што треба да внимаваат невестите при изборот?

Според мене, прво и основно е да се одреди стилот, тоа што најдобро ќе знае да го носи невестата, па следува кројот или формата која ке прилега најдобро на нејзината фигурата, и секако, тука се нијансите и деталите.
Најдобро е тоа што ќе и стои перфектно, а после доаѓа тоа што е ин во моментот.

Што следно можеме да очекуваме од вас?

Во моментот интензивно работиме на најновата колекција, есен-зима 2013-14 која ќе се презентира во склоп на Модниот Викенд –Скопје, во Даут Пашиниот Амам на 27 Октомври.
Паралелно подготвуваме неколку креации за наши ѕвезди кои ќе бидат учесници на Скопскиот Фестивал на 13 ноември.

bride300x200

Колку пари сметате дека се доволно да подарите кога двајца одите на свадба?